Top Sport

Лајпциг е првата екипа која испадна од европските купови

Вчера се одиграа девет натпревари од шестото коло во Лигата на шампионите. Ливерпул избори место во нокаут фазата и во Топ 8, а Лајпциг е првиот тим кој остана без шанси да дојде до плеј-офот.

Лајпциг без сомнение е најголемото разочарување во Лигата на шампионите оваа сезона. „Биковите“ станаа првиот тим испадна не само од елитното натпреварување, туку и од европските купови воопшто.

Избраниците на тренерот Марко Розе во шесте одиграни кола ги забележаа сите шест порази со гол разлика 6:13. Последниот неуспех, Лајпциг го имаше синоќа на домашен терен против Астон Вила (2:3), со што дефинитивно заврши секоја приказна за германскиот претставник во Европа.

До крајот на овогодинешното издание ќе игра само за да го поправи впечатокот кој е прилично лош бидејќи е на самото дно на табелата со екипи како Слован и Јанг Бојс.

Ваквиот исход е во најмала рака неочекуван, бидејќи се работи за екипа која во претходните пет сезони четири пати играше во нокаут фазата. Дури стигна до полуфиналето во сезоната 2019/20.

Во овогодинешната кампања, освен од Астон Вила, загубија од Атлетико Мадрид (2:1), Јувентус (2:3), Ливерпул (0:1), Селтик (3:1) и Интер (1:0).

Scroll to Top