Френк Лампард признава дека тешко му оди со трансферите откако е тренер на Челси, бидејќи неговото доаѓање на клупата на „сините“ дојде откако тие го загубија „најдобриот фудбалер во Премиер лигата“, Еден Азар и со забрана за трансфери.
Забраната беше крената пред јануарскиот преоден рок, но во јануари Челси не склучија ниту еден договор и Лампард остана со фудбалерите кои ги наследи од Маурицио Сари. Се склучи договор за пристигнување на Хаким Зијеш од Ајакс, но тој ќе пристигне во текот на летото, така што Лампард се потпре на играчи од сопствената академија.
„Не можевме да ја контролираме забраната. Го загубивме најдобриот фудбалер во Премиер лигата во Азар, но работиме со тоа што го имаме. Покажавме дека можеме да стигнеме до топ 4 и мораме да го оствариме тоа“, вели Лампард.
Тој исто така додава дека нема проблем со најскапиот голман на светот, Кепа Аризабалага, откако го остави Шпанецот на клупата и наместо него стартер е Вили Кабалјеро.
„Имам добри односи со Кепа, но јас не можам сите фудбалери да ги правам среќни. Професионалното однесување е тука и секој си ги прави сам одлуките. Ќе одлучувам меч за меч“, вели Лампард.