Новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта вели дека е сигурен дека Лионел Меси ќе потпише продолжување на договорот и дека преговорите се движат одлично и според планот.
Договорот на Меси со клубот каде што ја помина целата професионална кариера завршува за нешто повеќе од два месеци, откако минатото лето тој ги шокираше сите со барањето за трансфер по лошата сезона и катастрофалниот пораз од 8:2 од Баерн Минхен во Лигата на шампионите. Пари Сен-Жермен и Манчестер сити, според шпекулациите уште се заинтересирани за неговиот потпис, но Лапорта верува дека тој ќе ја продолжи 17-годишната кариера на „Ноу Камп“.
„Работите се движат според планот. Јас ќе направам се што е можно според капацитетот на клубот да го убедам да остане. Тоа го правиме цело време. Меси е мотивиран, а исто така е и неверојатна личност која сака да продолжи со Барселона“, изјави Лапорта за „Депортес Куатро“.