Поранешниот играч од средниот ред на Јувентус, легендарниот дански репрезентативец Михаел Лаудруп побара италијанската јавност да престане да го споредува Пауло Дибала со Лионел Меси, бидејќи тоа „не му оди во корист“.
Дибала постојано е споредуван со ѕвездата на Барселона, но Лаудруп вели дека споредбите со еден од најдобрите фудбалери на светот никогаш не се добри.
„Тој е голем талент, но проблемот доаѓа од тоа што е од Аргентина. Тој е уште еден играч за кој луѓето велат: ‘ете го следниот Меси’. Нема следен Меси сега, и ќе треба да почекаме за тоа. Не верувам дека ќе видиме Меси додека јас сум жив. Таков играч доаѓа на секои 10 или 15 години. Дибала е од Аргентина, игра со левата нога, не е толку висок… Не му оди во корист ако го споредуваат со Меси, бидејќи тој не е Меси“, вели Лаудруп во интервју со „Белн спортс“.