Милан го забележа првиот пораз во Лига Европа оваа сезона, откако инспирираниот Реал Бетис успеа да слави со 2:1 на гостувањето на „Сан Сиро“ за да ја преземе контролата во групата Ф.
Поразот за „росонерите“ доаѓа по триумфите на гости кај Дуделанж и дома против Олимпијакос, и е втор во низа за тимот на Џенаро Гатузо по за нив несреќниот пораз во градското дерби од Интер. Антонио Санабрија во првото и Џовани Ло Селсо во второто полувреме го совладаа Донарума за победата. Патрик Кутроне во финишот успеа да го намали поразот.
Во Лисабон пак, Арсенал ја продолжи неверојатната низа на 11 победи во сите натпреварувања, откако Дени Велбек во 77. минута донесе 1:0 победа над Спортинг Лисабон. Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски излезе од игра на стартот на второто полувреме поради повреда на задната ложа, но се надеваме дека не се работи за посериозен проблем.
Совршени во Лига Европа се и Динамо Загреб, откако „модрите“ се вратија од гол негатива во второто полувреме за 2:1 победа на гостувањето кај Спартак Трнава. Во истата група, Фенербахче имаше свој кам-бек за 2:2 реми на гостувањето во Белгија кај Андерлехт во меч во кој македонскиот репрезентативец Елиф Елмас одигра 87 минути.
ЛИГА ЕВРОПА, 3.КОЛО