Поранешниот француски репрезентативец и фудбалер на Челси, Франк Лебеф смета дека Кепа Аризабалага го утнал клучниот пенал во неделното финале од Лига купот против Ливерпул поради „кармата“, која го стигнала за контроверзното одбивање да излезе од игра во финалето на истото натпреварување во 2019.
По 0:0 ремито по 120 минути во фантастичен меч меѓу Челси и Ливерпул на „Вембли“, победникот се решаваше со пенал-серија, а Томас Тухел го внесе Кепа на местото на Едуар Менди како „специјалист“ за пенал-серии. Но, откако сите 10 фудбалери шутираа, дојде редот на голманите, и Кепа ја шутна топката високо над голот.
Во 2019 пак, во финалето против Манчестер сити, Кепа одби да излезе од игра и покрај наредбата на тогашниот менаџер Маурицио Сари. И тој меч заврши со пенал-серија и Челси загубија.
„Не сакам да бидам остар кон Кепа, но ова е типичен пример на карма. Се сеќавате како не сакаше да биде заменет и загуби на пенали?. Можеби некој горе реши да го казни за тоа. Беше нефер кон Едуар Менди, кој стигна до победата на Африканскиот куп на нации со Сенегал и тоа по изведување на пенали. Ништо не е фер, ништо не е нефер, туку е само одлука на менаџерот. Одлуката на Тухел не беше клучна, клучно беше што Кепа не знае да изведува пенали, а не дека е лош голман. Пеналот беше катастрофален, како во рагби“, вели Лебеф за „ЕСПН“.