Top Sport

Лејла Переира: Нејмар во Палмеирас? Ние не сме здравствен дом

Претседателката на Палмеирас, Лејла Переира, ја демантираше можноста клубот од Сао Паоло да го ангажира Нејмар.

Кариерата на Нејмар се движи по надолна линија најмногу поради повредите. Откако се врати на теренот по паузата од една година, повторно се повреди на првиот натпревар за Ал Хилал. Поради повредата на бутниот мускул ќе отсуствува околу три недели.

Се шпекулираше дека тој ќе го напушти Ал Хилал и ќе се врати во Сантос, клуб во кој ја започна кариерата.

„Медиумите не се нормални! Оваа недела имаше три лажни вести. Само ширење лаги. Тоа го отежнува животот… Срамота е што така ме третираат во Бразил“, остро ги демантираше Нејмар овие наводи, не криејќи колку е разочаран од начинот на кој го третираат во родната земја.

Переира ја демантираше поврзаноста на Палмеирас со Нејмар, истакнувајќи дека тој е „одличен играч, но дека ќе оди во Сантос“.

„Не знам дали ќе потпие договор со Сантос, треба нив да ги прашате. Ова не е вистинската адреса кога се зборува за враќање на Нејмар во Бразил. Нејмар нема да потпише за Палмеирас, ние не сме болница. Сакаме некој што може веднаш да дојде и да игра веќе следниот ден ако тоа го побара тренерот. Не сакам да потпишам договор со играч кој не е подготвен за игра“, објасни Переира за бразилски „Универзо онлајн“.

Scroll to Top