Францускиот печат, нормално, дава многу внимание на одлуката на Нејмар да оди на операција на стапалото пропуштајќи го реваншот против Реал Мадрид и најверојатно завршувајќи ја сезоната.
Најпознатиот спортски весник „Л’Екип“ на насловната напиша „Збогум, Нејмар“, а внатре ги откри комплицираните односи на Бразилецот со водството на Пари Сен-Жермен, посебно по контрадикторните извештаи околу неговата повреда.
И покрај напорот на претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи да ги вклучи сите страни во одлуката како да се оди понатаму со повредата за најбрзо опоравување, но изгледа дека тимот го „избрзувал“ Нејмар, кој сака да направи сè за да биде подготвен за Светското првенство во Русија.
Според „Ле паризиен“, во ПСЖ има тензии и клубот не се покажал најдобро со ракувањето на „кризата со повреди“. Ова беше најочигледно кога тренерот Унаи Емери изјави дека Нејмар може да биде подготвен за реваншот со Реал Мадрид следната недела, додека таткото на фудбалерот најави дека тој ќе оди на операција и ќе паузира три месеци.
Останува да се види дали „Au revoir“ на „Л’Екип“ значи збогување со Нејмар за сезоната, или целосно збогување со бразилската ѕвезда, посебно по сите шпекулации дека тој не е задоволен во Париз и сака враќање во Шпанија, поточно во Реал Мадрид.
Фото: ЕПА/Л’Екип