Поранешниот голман на Арсенал, Јенс Леман открива дека „непријателската“ атмосфера во соблекувалната била клучна во успехот на лондонскиот клуб во сезоната 2003/04, кога како единствен клуб во Премиер лигата ја освоија титулата без загубен меч.
Во 2005 година, „топчиите“ го освоија и ФА купот, и играа во финалето на Лигата на шампионите во 2006, кога загубија со 2:1 од Барселона. Леман доби црвен картон во тој меч во Париз по само 18 минути и признава дека тоа уште го „прогонува“.
„Уште го носам тој товар со мене, посебно кога луѓето ќе ме прашаат. Имам длабоко разочарување, но и многу успеси и тоа вреди да се запамети. Со Арсенал не освоивме сѐ, но бевме блиску. Луѓето си мислат дека морало да биде ’супер’ во Арсенал, но не беше така бидејќи секогаш имаше караници на теренот поради атмосферата во која сите сакаа да бидат успешни. Се расправавме, но тоа го туркаше тимот напред“, вели Леман.