Спортскиот директор на Пари Сен Жермен, Леонардо, се сомнева дека клубот ќе добие адекватна понуда за Нејмар до крајот на преодниот рок.
Изминатите денови медиумите мног шпекулираа околу трансферот, а во четвртокот голем број од нив објавија дека клубовите постигнале договор. Барем засега Нејмар е во ПСЖ, а од клубот се сомневаат дека до понеделник, кога завршува преодниот рок, ќе добијат понуда што ќе ги задоволи нивните барања.
„Нашата позиција е јасна, ние од почетокот знаеме што сакаме“, рекол Леонардо.
„Првата писмена понуда ја добивме на 27 август, пет дена пред крајот на преодниот рок. Бевме подготвени да вклучиме и други играчи во трансферот, но не постигнавме договор. Сега се зависи од Барселона, секако доколку добиеме понуда каква што сакаме. Во тој случај Нејмар може да замине. Засега тоа не е случај, а не очекуваме дека нешто ќе се смени до понеделник“, заклучил спортскиот директор на Пари Сен Жермен.
Нејмар во Париз пристигна во јули 2017 година за рекордна сума од 222 милиони евра.