Top Sport

Левандовски против шпекулациите: Во Баерн до крај!

Роберт Левандовски ги заврши надежите на навивачите на Реал Мадрид дека е подготвен за трансфер во „кралскиот клуб“, велејќи дека „целосно се идентификува“ со Баерн Минхен и дека е подготвен да ја заврши кариерата на „Алијанц арената“.

Околу иднината на 30-годишниот Полјак имаше многу шпекулации со Реал, Челси и Пари Сен-Жермен како заинтересирани клубови, но Левандовски вели дека тоа нема да се случи.

„Постои многу добра шанса да останам тука долго време. Не размислувам за други клубови и откако ги тргнавме тие шпекулации, моето срце е 100 отсто со Баерн. Целосно се идентификувам со клубот и можам да замислам да ја завршам кариерата тука“, вели Левандовски, кој има договор до 2021 година во интервју за „Спорт билд“.

Полскиот стрелец има 22 гола во сите натпреварувања оваа сезона и е најдобриот стрелец во Лигата на шампионите со пет гола.

„Имам план да останам на врвно ниво барем до мојата 35 година. Мислам дека за мене почнува најдобриот период во кариерата“, додава Левандовски.

Фото: ЕПА

Scroll to Top