Top Sport

Леванте бара Барселона да биде исфрлена од Купот

Раководството на Леванте до Фудбалскиот сојуз на Шпанија упатиле официјална жалба поради настапот на младиот играч на Барселона Чуми, во првиот меч што овие тимови го одиграа на 10.јануари, во рамките на осмина-финалето во националниот Куп.

Првиот меч, на кој играше Чуми, Леванте го доби со 2:1, а реваншот што се одигра синоќа на „Ноу Камп“ им припадна на фудбалерите на Барселона со 3:0. На теренот Барса избори четврт-финале, но сега Фудбалскиот сојуз на Шпанија треба да го даде конечниот збор дали Каталонците ќе бидат меѓу најдобрите осум тимови во ова натпреварување.

„Мундо Депортиво“, во пресрет на реваншот објави дека младиот играч Чуми немал право да настапи во првиот меч, бидејќи собрал пет жолти картони настапувајќи за Барселона Б.

Од Барселона се огласија со тврдењата дека не ги прекршиле правилата. Од таму не спорат дека Чуми, пред дуелот со Леванте, настапувајчи за Барселона Б го добил петтиот жолт картон и дека треба да паузира на еден натпревар, но дека таа суспензија важи за рангот во кој ги добил картоните, а не и за Купот или за првенството.

Сепак од Леванте решиле да упатат жалба и очекуваат одговор во наредните денови.

Пред неколку сезони поради сличен случај Реал Мадрид беа исфрлени од Купот. Тогаш Денис Черишев играл натпревар во Купот иако немал право на настап поради жолти картони.

Scroll to Top