Леванте го отпуштија тренерот Хуан Рамон Лопез Муњиз по низата од 15 лигашки натпревари без победа по која се само на еден поен од зоната за испаѓање.
Ова може да е шанса за македонскиот репрезентативец Енис Барди да добие поголема шанса под новиот тренер, откако во последно време не се наоѓаше во тимот на Муњиз. Одлуката на клубот доаѓа по 1:1 ремито со Еспањол, откако примија гол во судиското продолжение. Последната победа Леванте ја оствари на 19 ноември.
„Леванте сака да се заблагодари на Муњиз и на неговиот тренерски тим за нивната посветеност, во период во кој обезбеди пласман во Ла лига, и им посакуваме сè најдобро во иднината“, се вели во соопштението на тимот.
Муњиз го презеде Леванте во јуни 2016 година, откако тимот испадна од Ла лига, и веднаш ги врати во елитата. Тие сега се на 17. место во Ла лига со 21 поен, еден повеќе од Лас Палмас.
Сегашниот тренер на вториот тим на клубот (третолигашот Атлетико Леванте), Пако Лопез ќе ја преземе тешката обврска да го задржи тимот во Ла лига.
Juan Ramón López Muñiz deja de ser entrenador del #LevanteUD. https://t.co/0i6o3b20rn pic.twitter.com/qtVYSBlDVM
— Levante UD (@LevanteUD) March 4, 2018