Top Sport

Леванте ја продлабочи кралската криза (Видео)

Леванте ја продлабочи кризата на Реал Мадрид и веројатно му ја потпиша оставката на тренерот на „кралскиот клуб“ Хулен Лопетеги, откако во првиот меч од саботната програма во 9.коло, победи во Мадрид 2:1.

foto: epa

Кризата на Реал дополнително се продлабочи откако тимот на Лопетеги го забележа третиот пораз на последните четири натпревари. Реал по перфектниот старт во првите четири кола, во наредните пет има скор од две нерешени и три порази.

Последен пат Реал загубил три натпревари по ред во 2009 година.

Леванте, во чии редови, Енис Барди го одигра целиот натпревар, уште еднаш покажа дека е незгоден противник за „кралскиот клуб“.

Минатата сезона Леванте во Мадрид одигра 2:2, а оваа сезона победи. Триумфот на Леванте го најави Моралес во шестата минута, а победата ја обезбеди Роџер од пенал по само 13 минути игра.

Леванте со помош на ВАР технологијата доби пенал, а истата таа технологија оправдано го поништи голот на Марко Асенсио.

Реал на овој дуел не беше ниту миленик на среќата бидејќи Серхио Рамос во првото полувреме ја погоди гредата, а Карим Бенсема во вториот дел биеше во десниот дирек.

Единствениот гол за Реал го постигна Марсело во 71.минута.

Scroll to Top