Top Sport

Лидс ги предупредија Барса за плаќањето на трансферот на Рафиња

Барселона го имаше најимпресивниот преоден рок меѓу големите европски фудбалски клубови, изненадувајќи многумина по финансиската криза и огромните долгови со трансфери на повеќе фудбалери. Еден од нив е Рафиња, кој пристигна од Лидс јунајтед, чиј газда, Андреа Радрицани ги предупреди Каталонците да не прават „сомнителни“ работи со парите кои треба да им ги исплатат.

„Не знам што се случува зад сцената и откаде им пари одеднаш, тоа не ми е јасно. Но, на 2 септември, ако не ни бидат префрлени парите за Рафиња ќе имаме глобален проблем и ќе им кажеме на медиумите за работите во Барселона“, вели Радрицани за „Атлетик“.

Тој признава дека Челси веќе се имале договорено за трансферот на Рафиња, но дека фудбалерот заедно со неговиот агент, поранешниот фудбалер на Барса, Деко го поставиле во незгодна ситуација.

„За мене, тоа беше готов договор, бидејќи кога ќе го дадам мојот збор, тоа е крај. Ми беше срам да се вратам кај Тод Бели и да му ја објаснам ситуацијата. Се договоривме со Челси, бидејќи тој сакаше понуди од Премиерлигата, а Челси му беа фаворити. Но, Барселона го убеди да чека додека тие не најдаат решение. Агентите на фудбалерите имаат преголема моќ. Ние инвестираме многу во градење на фудбалските клубови, и тие доаѓаат да ја уништат нашата работа“, вели Радрицани.

Scroll to Top