Фудбалерот на Феенорд, Игор Паишао, е блиску до трансфер во Олимпик Марсеј, кој постигна договор за обештетување со холандскиот клуб.
На овој начин, францускиот клуб ја доби трката со Лидс јунајтед за потписот на бразилскиот фудбалер. Паишао доби дозвола да отпатува во Марсеј на лекарски прегледи. Претходно, „Екип“ објави дека Марсеј подготвил нова понуда за овој играч, додека Лидс се обидел да го грабне испраќајќи понуда вредна 32 милиони евра.
Феенорд претходно одби две понуди од Марсеј, првата од 16 милиони евра и втората од 28 милиони евра. Феенорд ја прифати третата понуда од 35 милиони евра.
Марсеј претходно ги доведе Анхел Гомес од Лил, како и Си Џеј Еган-Рајли од Барнли и Факундо Медина од Ленс.
Во меѓувреме, враќањето на напаѓачот Пјер-Емерик Обамејанг во клубот се очекува да се случи во наредните денови.
Паишао одигра 47 натпревари за Феенорд минатата сезона со 18 гола и 14 асистенции. Неговата примарна позиција е лево крило, но може да игра и како офанзивен играч од средниот ред.
Тој пристигна во Холандија во летото 2022 година, а претходно играше за Коритиба и неговиот матичен клуб Лондрина.
Фото/ Принскрин