Фудбалерите на Севилја и Интер вечерва во Келн ќе се борат за пехарот во Лига Европа. Севилја е најтрофејниот клуб во ова натпреварување, вечерва ќе се обиде да стигне до шесттиот трофеј, додека Интер прв пат игра финале во Лига Европа. Италијанскиот тим низ историјата три пати го освојувал Купот на УЕФА, натпреварување од кое настана Лига Европа.
Севилја имаа максимален ефект во финалните мечеви во Лига Европа, а два пати до трофејот играчите на клубот од Андалузија доаѓале по изведувањето на пенали, против Еспањол и Бенфика. Тимот на Хулен Лопетеги можеби не е фаворит против Интер но традицијата е на страната на Шпанците. Во последните десет години, со исклучок на натпреварот против Јувентус, во дуелите со Фиорентина, Лацио и Сампдорија имаат гол разлика 10:0.
„Интер е комплетен тим. Сите тимови кои ги водел Антонио Конте се такви. Имаат многу опции во нападот, а нивната одбрана не им дозволува на противниците да направат многу шанси. Ние ќе влеземе во мечот како и секогаш, мирно и со респект кон противникот“, изјави тренерот на Севилја Лопетеги.
Интер од друга страна со евентуалниот триумф ќе ја заокружи добрата прва сезона под Антонио Конте. Тренерот на Интер по секоја цена го сака пехарот, вечи дека историјата ги памети само победниците.
„Мораме да покажаме ентузијазам и да бидеме свесни каде се наоѓаме. Мораме да бидеме горди што играме европско финале по пауза од десет години. Историјата ја пишуваат победниците, само на нов се сеќаваме. Тоа би требало да ни биде дополнителна мотивација“, рекол Конте.
Свевилја во полу-финалето го елиминираше Манчестер Јунајтед (2:1), додека Интер го декласира Шахтјор со 5:0.
Финалниот меч во Келн ќе започне во 21 часот.