Националниот директорат на Франција за контрола на менаџментот објави дека на фудбалскиот клуб Лил му забранил да биде активен на трансфер-пазарот во јануари поради финансиската ситуација во која се наоѓа клубот.
Директоратот е надлежен за контрола на финансиите во француските клубови, а постои можност покрај забраната за трансфери во јануарскиот преоден рок, Лил да добие уште потешка казна.
Како што пренесува „Паризијен“, финансиската ситуација во која се наоѓа Лил е толку лоша што клубот може по завршувањето на сезоната да биде исфрлен од Лига 1 и да биде префрлен во Лига 2, без оглед на пласманот на табелата.
Лил во моментов се наоѓа во лоша позиција и на табелата во Лига 1. Поранешниот француски шампион е на 18. место на табелата која обезбедува место во баражот за опстанок во лигата.
Казната која ја доби клубот, според француските медиуми, значи дека Лил ќе мора да го задржи тренерот Марсело Бијелса, кој е суспендиран од страна на клубот кој без дозвола заминал во Чиле за да го посети својот поранешен асистент кој е болен од рак.
Бијелса за раскин на договорот бара девет милиони евра, сума која клубот не може да ја плати.