Пол Погба е „комплетен фудбалер“ и вистински лидер во Манчестер јунајтед без разлика на тоа што мислат дел од навивачите и медиумите за посветеноста на Французинот, смета неговиот соиграч Џеси Лингард.
Од Погба се очекуваше да го трансформира Манчестер јунајтед по враќањето на „Олд Трафорд“ од Јувентус за 100 милиони евра во 2016, но 27-годишниот ас не успеа да го оддржи нивото кое го покажа на Светското првенство, а тука се и постојаните шпекулации дека ќе замине во Реал Мадрид или Јуве.
Лингард, кој му беше колега на Погба во академијата на „ѓаволите“, вели дека тој е меѓу најдобрите во тимот.
„Пораснав со Пол и од почетокот се гледаше дека има фантастична техничка способност. Освои Светско првенство и трофеи и со Јувентус и со нас. Тој е секогаш позитивен и носи добра енергија на теренот. Еден од најскромните фудбалери на светот и еден од најдобрите пријатели кои можете да ги имате. Тој стана вистински лидер и добро се носи со таа одговорност“, вели Лингард.