Најголемото изненадување во Премиер лигата оваа сезона, тимот на Барнли беше на чекор до славна победа над Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“, пред Џеси Лингард да постигне гол во 91. минута и да спаси поен за тимот на Жозе Мурињо.
Во празнична атмосфера во Манчестер, Барнли стана само вториот тим кој оваа сезона им дал повеќе од еден гол на Јунајтед на нивниот стадион (по Манчестер сити), но тоа не беше доволно за три поени од Манчестер.
Ешли Барнс уште во третата минута најави изненадување на „Олд Трафорд“ откако најдобро се снајде во мешаницата во шестнаесетникот на Јунајтед, но вистинскиот шок стигна во 36. минута, кога Стивен Дефур со фантастичен гол од слободен удар го совлада Давид де Хеа.
Лингард покажа дека во најдобрата форма во кариерата, откако прво во 53. минута со одличен гол со пета го најави кам-бекот на Јунајтед, само неколку минути откако ја затресе пречката. До крајот на мечот на „Ѓаволите“ влегоа во директен напад на голот на Барнли, што на крајот се исплатеше – Лингард во 91. минута, кога речиси сите беа во шестнаесетникот на гостите, успеа да донесе барем поен за Јунајтед.
Тимот на Челси немаше вакви проблеми и со головите на Алваро Мората и Маркос Алонсо стигна до 2:0 победа над Брајтон, со што се доближи на само еден поен од Јунајтед на третото место на табелата.
Лестер поведе преку Ријад Марез, но на крајот беше поразен на гости кај Ватфорд, додека Бурнемаут и Вест Хем одиграа неверојатен натпревар кој заврши 3:3 со два гола во последните минути (по еден на двете страни).
ПРЕМИЕР ЛИГА, 20.КОЛО
Бурнемаут – Вест Хем 3:3
Челси – Брајтон 2:0
Хадерсфилд – Стоук 1:1
Манчестер јунајтед – Барнли 2:2
Ватфорд – Лестер 2:1
Вест Бром – Евертон 0:0