Top Sport

Ливерпул ги урна сите рекорди – Вирц на „Енфилд“ за 150 милиони евра

Флоријан Вирц кариерата ќе ја продолжи во Ливерпул. Баер Леверкузен успеа да ја извлече бараната сума од „црвените“ за својот најдобар играч. Трансферот, во кој се вклучени и бонусите ќе изнесува 150 милиони евра.

Најталентираниот германски фудбалер во овој момент, 22-годишниот Вирц ќе влезе во историјата. Неговиот излезен трансфер е најголем во историјата на Бундес лигата, во исто време најголем трансфер во историјата на Ливерпул и англиската Премиер лига.

Претходно најголемиот трансфер во историјата на клубот беше оној на Дарвин Нуњез од Бенфика за 85 милиони евра, додека рекордот на Премиер лигата го држеше Енцо Фернандез, кога Челси на Бенфика и плати 120 милиони евра.

Доаѓањето на Вирц претставува само продолжение на реконструкцијата на тимот што Арне Слот не ја заврши минатото лето кога го наследи Јирген Клоп. Тој ја освои титулата со тимот што го наследи од германскиот стратег, но ќе влезе во одбрана на титулата со значително изменет тим. Во тимот пристигна Џереми Фримпонг, исто така од Баер Леверкузен за 35 милиони евра, а извесно е дека на „Енфилд“ ќе дојде и левиот бек на Борнмут и унгарската репрезентација Милош Керкез.

Scroll to Top