Ливерпул ќе се обидат да го донесат францускиот талент Едуардо Камавинга од Реал Мадрид, само неколку месеци откако тој потпиша за „кралевите“, бидејќи тој не е задоволен што не добива повеќе минути од тренерот Карло Анчелоти, тврди шпанскиот „Насионал“.
За 19-годишниот Камавинга, Реал платија 40 милиони евра на францускиот Рен, но откако постигна гол како замена во своето деби за клубот, неговата улога во тимот на Анчелоти е минимална, со ветераните Тони Крос, Лука Модриќ и Касемиро пред него на листата на омилени фудбалери на италијанскиот тренер.
Тинејџерот бил разочаран што не ја има довербата на Анчелоти, посебно бидејќи имал повеќе понуди во текот на летото и се решил за Реал по уверувањето на претседателот Флорентино Перез дека ќе биде првотимец.
Според шпанските извори, доколку Камавинга замине во јануари, тоа би било на позајмица, но Ливерпул биле подготвени и за купување на Французинот.