Top Sport

Ливерпул и Манчестер Сити продолжуваат каде што застанаа: Првата битка е „Комјунити Шилд“

Ливерпул и Манчестер Сити ја отвораат новата сезона во елитата на Англија борејќи се за трофејот „Комјунити Шилд“. Натпреварот на стадионот „Кинг Пауер“ во Лестер е закажан за денескја, со почеток во 18 часот, и традиционално го играат победникот на ФА купот, Ливерпул, против шампионот во Премиерлигата, Манчестер Сити. Тоа е пресметка што го означува почетокот на новата сезона во Англија.

„Црвените“ останаа бод зад „граѓаните“ во текот на изминатата сезона и се подготвени барем делумно да се реваншираат на денешниот натпревар, а потоа да го остават ривалот зад себе и во битката за титулата. Минатата сезона беа блиску до историска „четворка“, но останаа со трофеите во ФА Купот и Лига Купот на Англија, завршувајќи на второто место во домашното првенство, а загубија и во финалето на Лигата на шампионите од Реал Мадрид.

Сепак, менаџерот Јирген Клоп на прес-конференцијата изјави дека му требал само еден ден да го заборави горчливиот вкус на пропуштената шанса за фудбалска бесмртност.
„Ми требаше еден ден, а потоа беше парадата во Ливерпул. Знаевме дека дојдовме многу блиску до сите трофеи. Кога на моменти немате среќа, се случуваат такви работи. Ова е спорт и ние ги прифаќаме правилата. Доволен е бод повеќе по 38 кола, а доволен е и гол повеќе на еден фудбалски натпревар. И ние го прифаќаме тоа, па не ми требаше долго да се опоравам од разочарувањето. Мислам дека нема многу смисла да се размислува на тој начин. Игравме на неверојатно високо ниво, бевме константни, игравме добар фудбал – не секогаш, но многу често. Се боревме напорно. Тоа се сите работи што треба повторно да ги направиме“, изјави Германецот во пресрет на новата сезона.

Ливерпул летово го загуби Садио Мане од Баерн Минхен, но како негова замена го доведе Дарвин Нуњез од Бенфика, како и талентираниот Фабио Карваљо.

Неговиот колега Пеп Гвардиола е подготвен со тимот на Манчестер Сити да започне онака како што ја заврши минатата сезона – со трофеј. Шпанецот и неговиот клуб, исто така, значајно се засилија. Тука се Ерлинг Халанд и Калвин Филипс како големи засилувања. Сепак, Ејмерик Лапорте нема да ја започне сезоната по операцијата на коленото.

„Лапорт е повреден. Тој имаше операција на коленото на крајот од минатата сезона, играјќи ги последните 2-3 натпревари со повреда. Тој вложи неверојатен напор. Засега му оди многу добро, но мораме да внимаваме кога е коленото во прашање. Мислам дека ќе го пропушти цел август, ќе се врати со нас во септември“, изјави менаџерот на Манчестер Сити, кој не ја отфрли можноста за доведување лев бек по заминувањето на Олександр Зинченко. „Граѓаните“ има интерес за фудбалерот на Брајтон, Марк Кукуреља. Но, и без него се повеќе од силни.

Scroll to Top