Ливерпул постигнал договор со напаѓачот на Бенфика, Дарвин Нуњез. Договорот со португалскиот великан ќе биде заклучен откако Ливерпул ќе даде банкарски гаранции од 80 милиони евра (100 милиони евра со бонуси).
Новинарот Фабрицио Романо пренесува дека договорот меѓу 22-годишниот и Ливерпул ќе биде потпишан на пет години. Новинарот не ги објави финансиските детали од договорот.
Доколку информацијата се покаже како точна, а Романо е светски авторитет кога се во прашање фудбалските трансфери, потпишувањето на договорот ќе се случи наскоро.
Нуњез, кој минатата сезона за Бенфика постигна 26 гола во првенството, два во купот и шест во Лигата на шампионите, вклучувајќи по еден во секој четвртфинален натпревар против Ливерпул, според Трансфермаркт вреди 55 милиони евра.