Мајкл Едвардс, човекот одговорен за фантастичните трансфери на Ливерпул последните неколку сезони, ќе си замине на крајот на сезоната и ќе биде заменет со неговиот досегашен помошник, Џулијан Ворд, тврди „ЕСПН“.
Едвардс, кој пристигна во Ливерпул од Тотенхем за да ја преземе улогата на „шеф на аналитика“ во 2011 година, се смета за еден од клучните луѓе во успехот на „црвените“ покрај менаџерот Јирген Клоп. Неговиот договор завршува на крајот на сезоната, и тој не сака да остане на чело на тимот за трансфери.
Едвардс го имплементираше системот на работа на Фенвеј спорт групацијата (ФСГ), американските газди на Ливерпул, надгледувајќи го системот за препознавање на квалитетни фудбалери за „нормални“ цени, и одлучувајќи да ги продаде важните играчи во клучни моменти.
Една од тие одлуки беше продавањето на Филипе Кутињо на Барселона во јануари 2018 за 142 милиони фунти, која беше критикувана на времето, но дозволи клубот да ги донесе Виргил ван Дајк (75 милиони фунти) и голманот Алисон Бекер (67 милиони фунти) и да стигне до титулата од Премиер лигата и од Лигата на шампиони. Под негово водство во клубот за релативно ниски цени беа донесени и Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино.