Top Sport

Ливерпул остатокот од договорот на Жота ќе му го исплати на неговото семејство

Ливерпул ќе ги исплати преостанатите две години од договорот на починатиот Диого Жота на неговото семејство.

Како што објави португалскиот „Рекорд“, клубот од „Енфилад“, откако ќе го повлече дресот со број 20, ќе ги измири и преостанатите две години од договорот, кои ќе му бидат исплатени на семејството на починатиот Жота.

Фудбалскиот свет беше запрепастен од информацијата дека португалскиот фудбалер загинал во сообраќајна несреќа, кога тој и неговиот брат починале во Шпанија, во близина на португалската граница во областа Замора.

Жота беше член на Ливерпул, каде што пристигна во 2020 година и оттогаш постигна 65 гола во 182 натпревари. Со Ливерпул ја освои Премиер лигата, ФА Купот и два Лига Купа.

Во текот на својата кариера играше и за Пакош Фереира, Атлетико Мадрид, Порто и Вулверхемптон.

Играше 49 пати за Португалија и постигна 14 гола, двапати освојувајќи ја Лигата на нации.

Погребот на браќата Жота ќе биде оваа сабота.

Foto/ EPA/PETER KLAUNZER

Scroll to Top