Ливерпул се врати на првото место во Премиер лигата, откако го „преживеа“ тешкото гостување кај Кардиф, победувајќи со 2:0, додека Арсенал загуби со 2:3 во лондонската пресметка со Кристал палас.
„Црвените“ знаат дека не смеат да си дозволат загубен поен до крајот на сезоната ако сакаат да го поминат Манчестер сити (кој има натпревар помалку), и во Велс се „мачеа“ во првото полувреме, пред Трент Александер-Арнолд во 57. минута да го „скрши“ отпорот на Кардиф. Победата беше потврдена во 81. минута, кога Џејмс Милнер погоди од белата точка откако беше соборен Салах.
Со победата, Ливерпул има 88 на врвот на табелата, два повеќе од Манчестер сити, кои веќе во среда се пресметуваат со Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“, додека шансите на Кардиф за опстанок се сè помали – тие се на 18. место со 31 поен, три помалку од Брајтон на 17-тото, но Брајтон има натпревар помалку.
Арсенал пак, не успеа да ги искористи поразите на Тотенхем и Манчестер јунајтед овој викенд за да се промовира во позиција која сигурно носи во Лигата на шампионите, откако дома беа шокирани од Кристал палас со 2:3. Кристијан Бентеке, Вилфрид Заха и Џејмс Мекартур постигнаа голови за гостите.
Арсенал се четврти со 66 поени, еден помалку од Тотенхем на третото место – Челси се петти со 66, а Јунајтед шести со 64 поени.