Европскиот првак Ливерпул наредниот месец ќе треба да одигра два натпревари во интервал од 24 часа, на два различни континенти. Според распоредот Ливерпул ќе треба да игра во Карабао купот во Англија и на Светското клупско првенство во Катар.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, неодамна ги критикуваше челниците на Фудбалската асоцијација на Англија кога дозна дека термините во Купот и на ФИФА Мундијалот се поклопуваат.
Германецот дури и се закани дека клубот нема да го игра четврт-финалето во Карабао купот.
Гневот на Клоп е јасен, тој со најсилниот тим не може да биде присутен на двете места.
Светското првенство за клубови се одржува од 11 до 22 декември во Катар, а четврт-финалето што Ливерпул ќе го игра во Бирмингем, против Астон Вола на програмата е на 18 декември.
Клоп решил во Купот против Астон Вила да настапи тим составен од јуниори, а ќе го предводи тренерот на У-23 екипата Нил Криткли. Во овој тим би требало да играат фудбалерите што најпрвин го елиминираа МК Донс, а потоа и Арсенал во осмина-финалето.
Рајан Бревстер, Харви Елиот, Неко Вилијамс, Сеп ван дер Берг се „најзвучните“ имиња во овој тим.
Тенејџерите на споменатите натпревари беа засилени со Џејмс Милнер, Адам Лалана, Алекс Окслејд-Чембрлен и Дивок Ориги.