Ливерпул го „прегази“ Ватфорд со 5:0 на „Енфилд“ за да остане на првото место на табелата во Премиер лигата и да ја врати самодовербата по бледото 0:0 реми со Манчестер јунајтед. Манчестер сити успеа да го оддржи темпото со гол од пенал за 1:0 триумф над Вест хем, додека Челси, без Кепа Аризабалага на голот, стигна до одлична за моралот 2:0 победа над Тотенхем.
Садио Мане со два гола (од кој вториот со петица беше посебно импресивен) дојде до 2:0 предност по првото полувреме, пред во второто Дирик Ориџи да зголеми на 3:0, пред Виргил ван Дајк, столбот на одбраната на „црвените“ да постигне два гола за 5:0 триумф.
Манчестер сити имаа потешка задача да го скршат отпорот на „чеканите“, откако дури во 59. минута со гол од пенал на Серхио Агуеро да запечатат 1:0 победа. Разликата меѓу Ливерпул и Манчестер сити останува само еден поен.
Маурицио Сари може да се пофали дека полека ја враќа довербата на навивачите, откако прво реши да го постави Кепа Аризабалага на клупата и да му даде шанса на Вили Кабалјеро по скандалот од финалето на Лига купот, за потоа да стигне до охрабрувачка 2:0 победа над Тотенхем, кои сега имаат два порази едноподруго. Педро во 57. минута и Киеран Трипиер со автогол во 85. минута ги израдуваа навивачите на „Стемфорд бриџ“.
„Препородот“ на Манчестер јунајтед под Оле Гунар Солксјер продолжува, откако „ѓаволите“ стигнаа до 3:1 победа на гости кај Кристал палас благодарение на двата гола на Ромелу Лукаку, кој доби шанса по низата повреди во клубот. Арсенал исто така беа импресивни, откако со 5:1 го „сомлеа“ Бурнемаут – голови постигнаа повратникот во тимот Месут Озил, Хенрик Мхитарјан, Пјер-Емерик Обамејанг, Лорен Косиелни и Александер Лаказет.
ПРЕМИЕР ЛИГА, 28.КОЛО
Арсенал – Бурнемаут 5:1
Саутемптон – Фулам 2:0
Челси – Тотенхем 2:0
Кристал палас – Манчестер јунајтед 1:3
Ливерпул – Ватфорд 5:0
Манчестер сити – Вест хем 1:0
Фото: ЕПА