Ливерпул е првиот тим кој оваа сезона успеа да го собори Манчестер сити на Пеп Гвардиола, ставајќи крај на сонот за сезона без пораз на досеа моќните „Сини“, совладувајќи ги со фантастични 4:3.
Во првиот премиерлигашки меч по заминувањето на Филип Кутињо во Барселона, нападот на Ливерпул делуваше супер-моќно, доминирајќи пред емотивната публика на „Енфилд“ откако мечот почна со минута молк за неодамна починатиот голман на Ливерпул, 77-годишниот Томи Лоренс.
„Црвените“ покажаа на стартот дека се подготвени за напаѓачки фудбал, откако Алекс Окслејд-Чембрлен постигна одличен гол од 20-тина метри за лудило на „Енфилд“. Сепак, Сити израмни пред полувремето, откако Лирој Сане ја изигра одбраната на Ливерпул и го совлада Кариус, кој имаше лоша интервенција.
Меѓутоа, ако во првото полувреме, Ливерпул не успеа да ја искористи теренската иницијатива и поседот на топката, Роберто Фирмино во 59. минута со одличен удар повторно ги донесе Ливерпул во водство. Само две минути подоцна, Мохамед Салах украде топка од средината на теренот, несебично го проигра Садио Мане, кој повторно го совлада Едерсон.
Колапсот во играта на Сити го искористи Салах, кога по една лоша интервенција на Едерсон во 68. минута стави крај на надежите на Сити за кам-бек. Бернардо Силва во 84. минута по одличниот потег на Гундоган намали на 4:2, за Германецот да намали на 4:3 во 91. минута, ставајќи ги под притисок дефанзивците на Ливерпул во драматичната завршница. Кун Агуеро во 94. минута имаше огромна шанса да донесе славно реми, но ударот заврши во мрежата од надворешната страна.
Со трите поени, Ливерпул се израмни со Манчестер јунајтед и Челси со по 47 поени, што сепак е големи 15 поени зад тимот на Манчестер сити.