Top Sport

Лопетеги: Репрезентацијата? Повторно би постапил исто

Тренерот на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, рекол дека не жали што 48 часа пред почетокот на Светското првенство решил да објави дека селекторската позиција во Шпанија ќе ја замени со тренерската во Реал Мадрид. Фудбалскиот сојуз на Шпанија веднаш му врачи отказ, поради што тој не ја предводеше Шпанија на СП во Русија.

Лопетеги мандатот на клупата на реал го започна со поразот во Суперкупот на Европа, а потоа запиша три победи во првите три кола во Ла Лига.

Во националните шампионите сега следи пауза поради репрезентативните акции, а Лопетеги во таа пригода бил гостин во радио емисија.

„Донесов одлука и повторно би постапил исто. Го направив тоа искрено и не жалам“, рекол Лопетеги одговарајќи на прашањето дали жали што на таков начин се разделил со репрезентацијата.

Тој порачал дека е голем навивач на шпанската репрезентација и дека се радува што за селектор е поставен Луис Ентрике. Тој сепак одбил да говори за текот на преговорите помеѓу него и Реал, додека се уште бил актуелен селектор на „црвената фурија“.

„Она што го направивме го направивме бидејќи мислевме дека така треба да биде, водени од мислата дека се мора да му биде подредено на Реал. Го направивме тоа чесно и одговорно“, рекол Лопетеги.

„Кога станува збор за Кристијано Роналдо јас не добив можност да разговарам со него. Кога јас дојдов во клубот, тој веќе имаше објавено дека заминува. Тој е феноменален играч, јас само ја почитував неговата одлука“.

Тренерот на европскиот првак ја коментирал и клупската трансфер политика во летниот преоден рок.

„На почетокот имав некои свои барања и имиња на фудбалери што би сакал да ги имамв во тимот, со напомена дека ние веќе имаме одлични фудбалери на сите позиции. Со овој тим можеме да се бориме за сите трофеи во сезоната. Не би сакал да зборувам за играчи што не се во нашиот тим. Ми се допаѓаат Бејл, Бензема, Асенсио, Иско, додека оние што не се кај нас заслужуваат почит, но не го заслужуваат нашето внимание“, рекол тренерот на Реал не сакајќи да одговори на прашањето дали во тимот повеќе го сака Нејмар или Мбапе.

Scroll to Top