Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги признава дека бил разочаран од брзиот крај на неговиот престој на „Сантијаго Бернабеу“, објаснувајќи дека можел да ги „сврти“ работите ако му било дадено време.
Лопетеги минатото лето прво направи вистинска „бура“ во Шпанија, откако прифати да го наследи Зинедин Зидан на клупата на Реал додека се подготвуваше со репрезентацијата на Шпанија за Светското првенство во Русија. Шпанската федерација го отпушти неколку дена пред стартот на турнирот и го замени со Фернандо Јеро.
Стартот на кариерата во Реал исто така беше катастрофален. Низата на слаби резултати кулминираше во 5:1 поразот од Барселона и тој беше отпуштен по само 10 меча во Ла лига на крајот на октомври. Неговата замена Сантијаго Солари не помина подобро, пред во клубот да се врати Зидан.
„Имавме одличен старт и одигравме неколку добри мечеви. Но, потоа имавме три недели на лоша среќа пред голот во мечеви во кои бевме подобри. Тоа може да се случи на секој тим. Мислев дека имам време и дека имаме нешто што беше клучно – целосна посветеност од фудбалерите“, вели Лопетеги.
Тој исто така смета дека и на СП во Русија ќе можеше да направи поголем успех од елиминацијата од Русија во осминафиналето.
„Две години немавме пораз, а игравме против Германија, Франција, Белгија, Англија, Италија… Доминиравме во сите мечеви. Којзнае што ќе се случеше на Светското првенство, но бевме подготвени, имавме големи надежи и сакавме да стигнеме многу далеку“, додава Шпанецот.