Top Sport

Лопирева избира меѓу Меси и Роналдо

Амбасадорката на Светското првенство во фудбал и поранешна Мис на Русија, Викторија Лопирева открива кои и се омилените фудбалери на теренот, но и во модата.

Лопирева, која е мега-ѕвезда во својата татковина, последните неколку години напорно работи во промовирањето на Светското првенство и доби прекар  „лице на Русија“. Како актерка, фудбалска водителка и навивачка на Манчестер јунајтед, Лопирева, конечно, откри кого преферира меѓу двете најголеми фудбалски ѕвезди – Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

„Ако зборуваме за мојот најомилен фудбалер на светот, тоа мора да биде Лео Меси. Секако, секогаш сакам натпреварување, Меси или Роналдо. Ги почитувам двајцата. Исто така го сакам Нејмар бидејќи има прекрасен карактер. Навистина се работи за добро момче. Ако зборуваме за фудбалски вештини, за генијалноста на фудбалот, тогаш тоа е Меси. Мојот омилен фудбалер од Манчестер јунајтед, секако, е Пол Погба“, вели Лопирева во интервју со „Гол“.

Погба е на прво место и поради својот стил.

„Погба е импресивен со својот стил и затоа е во топ три. Нејмар, исто така, знае како да се облекува и има одличен стил. Има сопствен стил. Кристијано Роналдо е малку премногу едноставен. Можеби некој од италијанскиот фудбал. Грацијано Пеле е многу згоден, и со него и со неговата девојка Викторија ја славев Нова Година. Грацијано секогаш ја добиваше мојата награда за ’симпатија на денот’“, објаснува Лопирева.

Лопирева, како и повеќето Руси, нема голема доверба во силата на националниот тим, кој е на рекордно ниското 66. место на ФИФА листата, а во групата се со Саудиска Арабија, Египет и Уругвај.

„Сакам изненадувања. Самото поминување на групата е нешто што ќе ги усреќи Русите. Но, тие се обидуваат да го дадат својот максимум и мислам дека домашниот терен ќе им помогне. Против Германија, Аргентина и Бразил би било многу потешко, бидејќи немаме фудбалери кои играат на страна. Египет го има Мо Салах. Ние немаме таква ѕвезда, но во фудбалот никогаш ништо не се знае. Видете ги Исланд на Евро 2016“, додава Лопирева.

Фото: ЕПА

Scroll to Top