Top Sport

Лорис: Пред финалето во 2019 ни купија часовници со посвета „финалист на ЛШ 2019“

Вчера во продажба излезе автобиографијата на долгогодишниот капитен на Тотенхем и Франција, Иго Лорис. Големо внимание привлекува делот во кој Лорис пишува за финалето во Лигата на шампионите, против Ливерпул во Мадрид. Поранешниот голман на Тотенхем вели дека судиите го ограбиле неговиот тим во пресметката со Ливерпул, но дека и тие самите не го посакувале доволно трофејот.

„Помалку од една година по финалето на Светското првенство, се најдов во финалето на Лигата на шампионите против Ливерпул. Со тоа станав еден од ретките што играле финале на Европско првенство, финале на Светско првенство, а потоа и финале во Лигата на шампионите. Ден пред натпреварот, во Мадрид, налетав на Дејан Ловрен, дефанзивецот на „црвените“, мој поранешен соиграч од Лион. „Еј, Иго“, викна „Ти го имаш Светското првенство, можеш да ми дозволиш да ја освојам Лигата на шампионите!“, пишува Лорис во својата автобиографија.

Појаснува …

„Пеналот што го досуди судијата Дамир Скомина по 24 секунди од натпреварот, кога топката го погоди телото на Муса Сисоко и се одби во неговата рака, го уби финалето и не збриша од теренот. Од 2 јуни 2019 година, промената на правилото значеше дека повеќе нема да има казна ако топката удри во раката на играчот откако прво ќе допре друг дел од неговото тело. Финалето се одржа на 1 јуни 2019 година и нешто што немаше да биде пенал следниот ден ја запечати судбината на финалето пред да започне“.

Но, да се вратиме на првичната премиса и тој губитнички менталитет на Тотенхем, односно подготвеноста лесно да ги прифатат поразите.

„Тоа не беше некое спектакуларно финале. Играв во три финалиња со Тотенхем – два Лига купа (2015 и 2021 година) и една Лига на шампиони, не постигнавме ниту еден гол. Беше толку разочарувачки да се доживеат сите тие емоции и авантурата да заврши на таков начин. Не знам дали сите во клубот и тимот разбраа колку е тешко да се стигне до финалето, а колку е тешко да се вратиш од негативата. Не сум сигурен дека разбравме дека ова можеби е единствената шанса во нашите кариери да ја освоиме Лигата на шампионите; дека клубот за кој игравме не беше програмиран да го освои; дека можевме да избегнеме да слушнеме дека луѓето велат дека Тотенхем никогаш повеќе не освоил ништо; дека нашите имиња би можеле засекогаш да бидат врежани во историјата на клубот. Тоа ни го одзеде тој пенал”.

Потоа нуди конкретен доказ дека Тотенхем едноставно го нема тој шампионски менталитет.

„На сите ни е врежан по еден детал во меморијата. На четири дена пред финалето, Даниел Леви ни се јави на сите да ни каже дека со поддршка од спонзорите секој од клубот ќе добие по еден луксузен часовник. Отпрвин бевме возбудени кога ги видовме елегантните кутии. Потоа ги отворивме и откривме дека на задната страна на секој часовник е изгравирано името на играчот и до него зборовите „Финалист на Лигата на шампионите 2019“. „Финалист.“ Кој прави такво нешто во такво време? Сè уште не можам да се помирам со тоа, и не сум единствениот. Да победевме, немаше да побара да ни ги вратат часовниците, наместо тоа да го изгравира „освојувачот“.

Scroll to Top