Контроверзниот претседател на Лацио, Клаудио Лотито искористи неверојатна споредба во обид да го брани КОВИД-19 тестирањето во неговиот тим по неколку сомнителни резултати.
Тестирањето во Лацио стана главна тема во италијанскиот фудбал, откако Чиро Имобиле, Лукас Леива и Томас Стракоша беа позитивни на КОВИД-19 во две тестирања пред мечеви од Лигата на шампионите направени од УЕФА, но имаа негативни тестови во Италија во мечевите против Јувентус и Торино.
Медицинскиот тим на Лацио вели дека се работи за разлика во приодите на тестовите, а Лотито искористи споредба со женскиот полов орган за да ги објасни проблемите.
„Се работи за магичен трик, нели, кој е навистина позитивен? Позитивен значи заразен нели? Има бактерии во вагините на сите жени на светот, но не значи дека се заразни, нели?“, вели Лотито за „Ла република“.
Имобиле минатиот викенд играше против Торино и го постигна израмнувачкиот гол од пенал, а претходната недела не му беше дозволено да игра против Бриж, а потоа исто така не отпатува за мечот против Зенит.
„Ако Имобиле е негативен, како и неговото семејство, зошто не би играл против Јувентус во недела?“, вели Лотито.