Top Sport

ЛШ: Батшуаи донесе победа за Челси во Амстердам, Лајпциг со пресврт против Зенит (видео)

На Ајакс им беше поништен гол во првото полувреме, по што Мичи Батшуаи во 86. минута стрелаше за импресивна 1:0 победа на Челси на „Јохан Кројф арената“ за зголемување на шансите за пласман понатаму во групата Х од Лигата на шампионите, додека Лајпциг со пресврт во второто полувреме стигна до 2:1 победа над Зенит и преземање на првото место во групата Г.

Минатогодишната сензација во Лигата на шампионите, Ајакс, во првото полувреме имаа поништен гол, откако за милиметри Квинси Промес беше во офсајд позиција кога го совлада Кепа Аризабалага.

Во второто полувреме и Челси имаше две изгледни шанси, пред во 86. минута, Кристијан Пулишиќ одлично да му асистира на Батшуаи за победа. Сега, Ајакс и Челси имаат по 6 поени, додека Валенсија има 3 пред гостувањето кај Лил (кои уште немаат освоено поен).

На „Ред бул арената“ во Лајпциг, Зенит Санкт Петербург имаше 0:1 предност во првото полувреме, откако ветеранот Јарослав Ракицки стрелаше во 25. минута, но домаќините за десет минути во второто полувреме направија целосен пресврт – Конрад Лајнер во 49. минута израмни, додека Марсел Забицер десет минути подоцна донесе предност која не ја испуштија до крајот.

Scroll to Top