Двете долгоочекувани пресметки во Лигата на шампионите во вторникот не донесоа премногу возбудлив фудбал и завршија со најнепопуларниот резултат 0:0. Ливерпул не успеа да го пронајде рецептот да ја пробие одбраната на Баерн Минхен на „Енфилд“, додека Барселона непоразена се враќа од гостувањето кај Лион, иако гол во гости многу ќе значеше.
Ако Барселона е апсолутен фаворит за реваншот против францускиот клуб, многу поинтересно ќе биде на „Алијанц арената“, посебно ако се знае фактот дека оваа сезона Ливерпул не успеа да победи на ниту едно гостување во ЛШ.
Садио Мане ја имаше најдобрата шанса на почетокот на натпреварот, но утна од блиску, а Ливерпул „фатија ритам“ во финишот на полувремето, иако Баерн беше опасен од слободни удари. Во првото полувреме, обично убиствената предна линија на „црвените“ не беше во елемент, додека Баерн првпат од април 2017 година цело полувреме од Лигата на шампионите не упати удар кон голот на противникот.
Серж Гнабри предизвика најмногу проблеми за одбраната на домашните на стартот на второто полувреме, меѓутоа добра шанса имаше и Мохамед Салах по одличното додавање на Наби Кеита во 54. минута од мечот. Садио Мане повторно беше во најизгледна шанса во 85. минута, но Нојер беше на место.
И во Лион немаше голови, откако францускиот тим се покажа како цврст противник на Барселона, посебно во првото полувреме. Лион имаше одлични шанси преку Ауар и Терие, против одбраната на Блауграна која не изгледаше во најдобра форма.
Мемфис Депај имаше одлична шанса на почетокот на второто полувреме, а во фантастична позиција на другата страна во 63. минута имаше Луис Суарез. Само две минути подоцна, Лео Меси упати убав удар, но голманот Лопес беше на место. Меси и Суарез продолжија да им создаваат проблеми на одбранбените фудбалери на Лион, но на крајот не успеаја да ја сместат топката зад грбот на Лопес.
Фото: ЕПА