Top Sport

ЛШ: Гризман херој за Атлетико, Салах со 20-тиот гол ги урна соништата на Милан

Враќањето на Антоан Гризман во Атлетико Мадрид во текот на летото не наиде на воодушевување кај навивачите на „рохибланкос“, но тие сега мораат да му се заблагодарат токму на Французинот што влетаа во осминафиналето на Лигата на шампионите, ставајќи им крај на Порто и Милан за сензација во последното коло.

На гостувањето во Португалија кај Порто, Атлетико мораа да победат за да осигураат место меѓу најдобрите 16, а откако Луис Суарез по само 10-тина минути ја напушти играта со повреда, а Милан поведоа со 1:0 против Ливерпул, работите не изгледаа добро за Атлетико.

Сепак, Ливерпул предводени од Мо Салах и Дивок Ориги направија камбек за 2:1 победа на „Сан Сиро“ за уривање на сонот на „росонерите“ за сензација, а во 56. минута, Гризман се најде на вистинско место по корнерот на Лемар, а да ја смести топката во голот на домаќините. По ваквиот развој на настаните, тензијата растеше на „Драгао“ – Атлетико останаа со 10 играчи во 67. минута по црвениот картон на Караско, но само три минути подоцна и Вендел доби црвен картон за Порто, за израмнување на силите.

Тогаш следуваше лудата завршница – Гризман во 90. минута му асистираше на Анхел Кореа за 0:2, Родриго де Паул во 92. минута зголеми на високи 0:3, пред во 95. минута да биде досуден пенал за Порто, кој го реализираше Сержо Оливеира.

На „Сан Сиро“, Фикајо Томори со голот во 29. минута даде надеж на Милан за сензација против ослабениот Ливерпул, но Мо Салах со својот неверојатен 20. гол оваа сезона (во сите натпреварувања) израмни на 1:1 во 36. минута, пред „џокерот“ на Јирген Клоп во 55. минута да направи целосен пресврт. Милан, кои по седум години се вратија во Лигата на шампионите, се последни во групата и нема да продолжат во Лига Европа.

Другите мечеви не беа толку одлучувачки како тие во групата Б. Реал Мадрид со головите на Тони Крос и Маркос Асенсио стигна до 2:0 победа над Интер во меч за престиж и за обезбедување на првото место во групата Д, додека во групата Ц, Ајакс со 4:2 го декласираше Спортинг Лисабон, но двата тима одат во осминафиналето, така што 5:0 победата на Борусија Дортмунд над Бешикташ беше само за шоу пред публиката.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 6.КОЛО

ГРУПА Б

Порто – Атлетико Мадрид 1:3

Милан – Ливерпул 1:2

Standings provided by SofaScore LiveScore

ГРУПА Ц

Ајакс – Спортинг Лисабон 4:2

Борусија Дортмунд – Бешикташ 5:0

Standings provided by SofaScore LiveScore

ГРУПА Д

Реал Мадрид – Интер 2:0

Шахтјор Доњецк – Шериф Тираспол 1:1

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top