Неизвесноста дали европскиот шампион Ливерпул ќе успее да избори пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите траеше неполн час на „Ред бул арената“ во Салцбург, пред „црвените“ да стигнат до рутинска 2:0 победа за обезбедување на првото место во групата Е. Наполи им се приклучува на Ливерпул во осминафиналето по убедливата 4:0 победа над Генк во меч во кој блесна Аркадијуш Милик.
Тимот на Јирген Клоп патуваше во Австрија знаејќи дека со пораз ќе бидат елиминирани од натпреварувањето, и откако Мохамед Салах се изнапромаши во првото полувреме, многумина почнаа да се сомневаат.
Но, во 57. минута, во акција на двајца поранешни фудбалери на Салцбург, Наби Кеита го постигна првиот гол по одличната асистенција на Садио Мане, за само 100 секунди подоцна, Салах да надополни за промашувањата од првото полувреме и да зголеми на 2:0.
На „Сао Паоло“ во Неапол пак, каде што многумина сметаат дека го видовме последниот меч со Карло Анчелоти на клупата на Наполи, домашниот тим имаше одлично прво полувреме во кое Аркадијуш Милик постигна хет-трик, за обезбедување на пласман во осминафиналето. Дрис Мертенс во 74. минута од мечот од пенал зголеми на 4:0.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 6.КОЛО
ГРУПА Е
Наполи – Генк 4:0
Салцбург – Ливерпул 0:2
Табела: 1.Ливерпул 13, 2.Наполи 12, 3.Салцбург 7, 4.Генк 1