Top Sport

ЛШ: Нејмар и ПСЖ ја „разбија“ Црвена звезда, Шалке ја освои Москва (видео)

Црвена звезда имаше „огнено крштевање“ на првиот гостински меч во Лигата на шампионите, откако Нејмар им даде хет-трик на „Паркот на принцовите“ за убедлива 6:1 победа и враќање во реалноста. Шалке пак, успеа со гол во финишот да победи во Москва, одигрувајќи 1:0 со Локомотив.

Дека на „црвено-белите“ не им се пишува добро стана јасно во првото полувреме. Нејмар во 20-тата минута постигна фантастичен гол од слободен удар, за само две минути подоцна во одлична игра со Килијан Мбапе да зголеми на 2:0. Единсон Кавани во 31. минута ја искористи конфузијата во одбраната на српскиот шампион да зголеми на 3:0, а Анхел ди Марија во 42. минута доби совршена топка од Муние за 4:0.

„Потопот“ на Звезда продолжи и во второто полувреме. Мбапе ја зголеми мизеријата на гостите со гол во 70. минута, по што Марко Марин го постигна утешниот гол за гостите. Нејмар во 81. минута го комплетираше хет-трикот со уште една мајсторија од слободен удар од над 20-тина метри.

На Шалке, пак, му беа потребни 87 минути да го скрши отпорот на Локомотив во Москва, откако Американецот Вестон Меккени постигна гол со глава по корнерот на украинскиот фудбалер на германскиот клуб, Евген Конопљанка.

Фото: ЕПА

ПСЖ – ЦРВЕНА ЗВЕЗДА 6:1

ЛОКОМОТИВ М.-ШАЛКЕ 0:1

Scroll to Top