Top Sport

ЛШ: Вечер на луди пресврти – Интер со колапс на „Вестфален“, Челси „сврте“ од 1:4 на 4:4 со Ајакс (видео)

Вечерната програма од четвртото коло на Лигата на шампионите донесе два неверојатни мечеви – Борусија Дортмунд се врати од 0:2 негатива и мизерна игра во првото полувреме против Интер за 3:2 победа, додека во Лондон, Челси губеше со 1:4 од Ајакс, пред по двата црвени картони за гостите, да направи пресврт и да стигне до 4:4 реми.

Во Дортмунд, Борусија почна ужасно слабо, откако Лаутаро Мартинез уште во петтата минута ја продолжи својата голгетерска форма за предност на Интер, пред Матијас Весино во 40-тата минута да донесе 2:0 за „нераѕурите“.

Меѓутоа, потоа на сцена стапи младиот талент од Мароко, Ашраф Хакими. Тој во 51. минута намали на 1:2, а Јулијан Брант 13 минути подоцна донесе израмнување за „милионерите“. Хакими, кој вчера го прослави 21. роденден во 77. минута го комплетираше пресвртот.

Со овој резултат, Интер ќе има многу тешка задача да се пласира понатаму – Барселона е прва со 8 поени, Борусија сега има 7, а Интер само четири поени, а му престојат уште дуелите со Барса дома и со Славија на гости.

На „Стемфорд Бриџ“ беше уште полудо! Ајакс одигра неверојатно прво полувреме во режија на уште еден Мароканец, Хаким Зијеш, кој со гол и асистенција им донесе 1:3 водство на „копјаниците“ по првите 45 минути.

Дони ван де Бек зголеми на 1:4 во 55. минута, пред Цезар Азпиликуета да намали на 2:4 во 63. минута. Тука следуваше клучниот момент – Ајакс остана со 9 играчи на теренот откако Дејли Блинд и Џоел Фелтман добија по втор црвен картон, пред Жоргињо, со својот втор гол од пенал да намали на 3:4 во 71. минута. Само три минути подоцна „сините“ израмнија преку Рис Џејмс и тргнаа по победа. ВАР-системот им поништи гол на Челси во 78. минута од мечот (преку Азпиликуета), откако беше утврдено играње со рака на Теми Абрахам пред голот.

Во другите мечеви, актуелниот шампион Ливерпул со головите на Вајналдум и Окслејд-Чембрлен стигна до 2:1 победа над Генк да избие на првото место во групата Е пред Наполи, кои дома одиграа само 1:1 со расположените Салцбург.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 4.КОЛО

ГРУПА Е

Ливерпул – Генк 2:1

Наполи – Салцбург 1:1

Табела: 1.Ливерпул 9, 2.Наполи 8, 3.Салцбург 4, 4.Генк 1

ГРУПА Ф

Барселона – Славија Прага 0:0

Борусија Дортмунд – Интер 3:2

Табела: 1.Барселона 8, 2.Борусија Д. 7, 2.Интер 4, 4.Славија 2

ГРУПА Г

Зенит – РБ Лајпциг 0:2

Лион – Бенфика 3:1

Табела: 1.Лајпциг 9, 2.Лион 7, 3.Зенит 4, 4.Бенфика 3

ГРУПА Х

Челси – Ајакс 4:4

Валенсија – Лил 4:1

Табела: 1.Ајакс 7, 2.Челси 7, 3.Валенсија 7, Лил 2

 

БОРУСИЈА – ИНТЕР

ЧЕЛСИ – АЈАКС

ЛИВЕРПУЛ – ГЕНК

НАПОЛИ – САЛЦБУРГ

ВАЛЕНСИЈА – ЛИЛ

Scroll to Top