Надежите на Динамо Загреб за историски пласман во нокаут фазата на Лигата на шампионите беа уништени од бразилскиот напаѓач на Манчестер сити, Габриел Жесус кој постигна хет-трик во 1:4 победата, резултат со кој на Аталанта им се даде шанса да влезат во осминафиналето со храбрата 3:0 победа на гости кај Шахтјор во Украина.

Динамо мораше да оди на победа на „Максимир“ против англискиот шампион и да чека Шатхјор да не ја победи Аталанта, и работите тргнаа одлично, откако талентираниот Шпанец, Дани Олмо во десеттата минута ги донесе во водство „модрите“.

Сепак, во 34. минута, Сити успеа да израмни откако Ријад Марез го пронајде Габриел Жесус за лесен гол со глава, но во помалку контроверзни околности, бидејќи во шестнаесетникот лежеше повреден фудбалер на Динамо. Капитенот на „модрите“, македонскиот репрезентативец Аријан Адеми за малку ќе влезеше во физичка пресметка со Бернардо Силва.

Надежите на Динамо дека можат да направат камбек во второто полувреме бргу беа уништени откако Жесус во 50. и 54. минута постигна уште два гола за хет-трик, по што Пеп Гвардиола го извади од игра во 66. минута. Младиот Фил Фоден во 84. минута зголеми на 1:4.

Во Харков пак, Шатхјор знаеше дека им е потребно само реми против Аталанта, но клубот од Бергамо по повеќе пропуштени шанси во првото полувреме, стигна до импресивна победа. Тимоти Кастањ во 66. минута ги „начна“ Шахтјор, за во 80. минута Марио Пашалиќ да ја потврди победата..

Со победата, Аталанта, која ги загуби првите три меча во ЛШ, го освои второто место во групата, Шахтјор продолжува во Лига Европа, додека европските натпреварувања завршуваат за Динамо.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 6.КОЛО

Динамо Загреб – Манчестер сити 1:4

Шахтјор Доњецк – Аталанта 0:3

Табела: 1.Манчестер сити 14, 2.Аталанта 7, 3.Шахтјор 6, 4.Динамо (З) 5