Лубослав Љубо Пенев (59) е тешко болен и се бори за живот на онколошка клиника во Германија.
Легендарниот бугарски фудбалер беше хоспитализиран минатата недела, по што беа извршени детални прегледи и резултатите воопшто не се добри. Му беше дијагностициран рак на бубрезите.
Пенев е во животно-загрозувачка состојба. Бугарските медиуми објавуваат дека ослабел, дека неговото тело е многу исцрпено и дека хемотерапијата затоа не е опција. Семејството Пенев апелираше до јавноста за помош:
„Денес, една од најголемите бугарски легенди се бори за живот. Лубослав Пенев ни даде победи, гордост и сила – сега мора да му дадеме надеж. Ве молиме, да застанеме рамо до рамо и да му подадеме рака на човекот кој никогаш не престана да дава за Бугарија“, се наведува во пораката што брзо се прошири низ Бугарија и регионот.
Ова е втор пат Пенев да се бори со подмолната болест. Во пролетта 1994 година, му беше дијагностициран рак на тестисите, поради што го пропушти Светското првенство во САД.
Лубослав Пенев ја започна својата кариера во ЦСКА од Софија, каде што доби статус на клупска легенда. Потоа играше за гиганти како Валенсија и Атлетико Мадрид.
Одигра 62 натпревари за репрезентацијата и постигна 14 гола. По завршувањето на кариерата, остана во фудбалот. Се посвети на тренерската работа и во периодот од 2009 до 2024 година раководеше со голем број бугарски клубови, три години беше селектор на репрезентацијата (2011-14), а кратко работеше и како тренер на „Б“ тимот на Валенсија.
Последниот ангажман му беше со Локомотива од Пловдив минатата година.
Фото/ ЕПА
