Top Sport

Луд натпревар со шест гола и поделба на поени во Рим (видео)

Рома и Аталанта одиграа сосема луд натпревар со шест гола (3:3) во последниот меч од второто коло на новата сезона во Серија А. Прекрасни голови, водство на Аталанта од 1:3 и уште еден пресврт во можеби најдобриот меч во Италија оваа сезона.

А сѐ започна како што посакуваа фановите на „волчицата“ на „Олимпико“ – со прекрасен гол на Хавиер Пасторе уште во втората минута од мечот, откако засилувањето на Рома со елегантен потег со пета го матираше противничкиот голман.

Меѓутоа, тогаш следуваше кошмар за Рома – до крајот на полувремето, Аталанта направи целосен пресврт и со двата гола на Ригони и едниот на Кастање дојде до водство од 3:1 и молк на „Олимпико“.

Рома не се предаде. Во 60. минута Флоренци со убав гол од работ на шестнасетникот ја враќа надежта, а Костас Манолас во 82. минута израмнува откако најдобро се снајде во шестнасетникот на Аталанта.

Фото: ЕПА

Scroll to Top