Иако се веруваше дека четврт-финалињата од Лигата на Европа се „речиси“ одлучени по првите мечеви минатата недела, неверојатна вечер во второто по квалитет европско натпреварување, донесе изненадувања во Франција и Австрија, но и „тесни“ моменти за големите Атлетико Мадрид и Арсенал.
Најголемото изненадување го направи австрискиот Салцбург, кој со фантастични пет минути во второто полувреме успеа да го исфрли Лацио и покрај тоа што клубот од Рим имаше предност од 4:2 по првиот меч.
Чиро Имобиле во 55. минута донесе водство за гостите по што Италијанците помислија дека веќе се во полуфиналето, но само минута подоцна, Изралецот Мунас Дабур израмни за домаќините. Но, тогаш следуваше австриската „фурија“ – од 72. до 76. минута Лацио прими три гола (Хајдара, Хванг и Лаинер) за апсолутен пресврт на Салцбург со што обезбедија двомеч за пласман во финалето.
„Лудо“ беше на „Велодром“, каде што Марсеј успеа да ја надополни разликата од 0:1 против германскиот вице-шампион РБ Лајпциг, победувајќи со 5:2 во меч кој имаше „фуриозен“ почеток.
Лајпциг дојде во водство уште во втората минута преку Брума, но до деветтата минута беше 2:1 за Марсеј – прво Илзанкер си постигна автогол во шестата минута, пред Буна Сар да создаде делириум во француското пристаниште. Флоријан Тован во 38. минута зголеми на 3:1, резултат кој остана на полувреме и ги носеше Марсеј во полуфиналето.
Тука не завршија возбудувањата. Жан-Кевин Огистин во 55. минута го намали водството на Марсеј на 3:2 (резултат со кој Лајпциг одеше понатаму), пред Димитри Паје да зголеми на 4:2 само пет минути подоцна. Хироки Сакаи во 94. минута стави печат на импресивната европска ноќ на „Велодром“.
Главните фаворити Арсенал и Атлетико Мадрид се во полуфиналето, но воопшто не им беше едноставно.
„Топчиите“ на гостувањето кај ЦСКА Москва губеа со 2:0 сѐ до 75. минута и на Русите им беше потребен само уште еден гол да го елиминираат тимот на Арсен Венгер и покрај победата од 4:1 во Лондон. Чалов во 39. и Набабкин во 50. минута ги ставија навивачите на „топчиите“ во незгодна ситуација, пред Дени Велбек во 75. минута со гол да го „визира“ патот до полуфиналето, а Дени Велбек во 92. минута обезбеди Арсенал да си замине непоразен.
Се „тресеа“ и во тимот на Атлетико и покрај 2:0 предноста од првиот меч, откако Спортинг Лисабон, чиј претседател влезе во конфликт со фудбалерите по поразот во Шпанија, поведе со голот на Фреди Монтеро уште во 28. минута од мечот.
За разлика од првиот натпревар, овојпат во составот од стартот беше и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски.
ЛИГА ЕВРОПА, 1/4 ФИНАЛЕ, 2.НАТПРЕВАРИ
ЦСКА Москва – Арсенал 2:2
Прв натпревар: 1:4, вкупен резултат 3:6
Марсеј – РБ Лајпциг 5:2
Прв натпревар 0:1, вкупен резултат 6:3
Салцбург – Лацио 4:1
Прв натпревар 2:4, вкупен резултат 6:5
Спортинг Лисабон – Атлетико Мадрид 1:0
Прв натпревар: 0:2, вкупен резултат 1:2