Ливерпул и Тотенхем одиграа 2:2 (1:0) во дерби натпреварот одигран на „Енфилд“, во рамките на 21.коло во Премиерлигата.
Двата тима во дербито доминираа во едно полувреме, Ливерпул во првото, а Тотенхем во второто. Особено драматични беа последните десет минути, во кои беа постигнати три гола и досудени два пенали за Тотенхем, од кои само еден реализира Хари Кејн.
Од таборот на Ливерпул по мечот отворено го искажаа незадоволството од арбитражата на главниот судија Дејвид Мос, кој досуди два пенали за Тотенхем по сугестијата на својот помошник.
На овој меч Хари Кејн го постигна 100. гол во својот 141.настап во Премиерлигата. Само легендарниот Алан Ширер е пред него бидејќи тој како играч на Блекбурн и Њукасл до бројката од 100 гола стигнал по 124 натпревари.
Првиот гол на „Енфилд“ го постигна Мохамед Салах во третата минута. Најдобриот играч на Ливерпул оваа сезона го искористи киксот во дефанзивната линија на Тотенхем и рутински го совлада Љорис.
До последните десет минути мечот го обележаа неколку шанси на двете страни, две одлични интервенции на голманот на Ливерпул Кариус.
На десет минути до крајот се случи најубавиот момент на мечот кога Ванјама од 25 метри испрати вистински проектил и го израмни резултатот. Инаку Ванјама една минута претходно влезе во игра на местото на Дембеле.
Во 85.минута Тотенхем доби пенал. Ситуацијата беше дискутабилна бидејќи Кејн беше во недозволена позиција кога ја прими топката. Сепак Мос по консултација со помошникот покажа на белата точка.
Ударот го изведе Кејн, напаѓачот на Тотенхем лошо го изведе пеналот, а Криус го одбрани неговиот удар.
Во 91.минута Салах изведе вистинска минијатура пред голот на Тотенхем и втор пат на мечот го совлада Љорис. Египѓанецот го постигна својот 21.гол во Премиерлигата.
Во самиот финиш повторно се вмеша помошникот на Мос, за кого дуелот на Ван Дајк со Ламела бил за најстрога казна. Пеналот повторно го изведе Кејн, но овој пат ја погоди мрежата, го постигна својот 100.гол во лигата и го постави конечниот резултат 2:2.