Top Sport

Лудогорец ќе го добие „лудиот“ Артем Милевскиј?

Бугарскиот шампион Лудогорец во обид да го замени романскиот напаѓач Клаудиу Кешеру, кој бара траснфер, преговара во тимот да го донесе контроверзниот украински фудбалер Артем Милевскиј.

32-годишниот Милевскиј, кој оваа сезона игра во Динамо Брест во Белорусија и има 5 гола во 15 меча, би чинел 800.000 евра и би бил засилување за најсилниот бугарски тим.

Милевскиј има несомнено голем талент, но целата негова кариера е повеќе одбележана со скандали, однесување кое не може да се објасни, злоупотреба на алкохолот и „авантурата“ во Хајдук.

Пред десетина години, Украина во него гледаше наследник на Андриј Шевченко, а посебно се гордееја со тоа што тој ја одби белоруската репрезентација, иако играше за нив во младинските категории, за да игра во Украина.

Динамо Киев го „растеше“ Милевскиј, но во 2011 година по низата повреди, неговата форма падна. Во 2013 година тој потпиша за Газиантеп во турското првенство, а престојот во Турција стана најпознат по неговиот силен судир со „Ферари Калифорнија“. Тој одигра помалку од 400 минути за тимот таа сезона, постигнувајќи еден гол.

По краткиот престој во Актобе во Казахстан, Хајдук од Сплит го донесе како големо засилување со месечна плата од 13.000 евра. Во 13 несреќни месеци тој беше попознат по ноќните клубови во Сплит, отколку по акцијата на „Пољуд“. Градските ривали РНК Сплит му дадоа шанса за договор, но тој за нив одигра само еден натпревар.

Надвор од терените, приказните се поинакви и полуди. Во 2006 година, по пријателскиот меч Швајцарија-Украина, заедно со својот добар пријател Олександар Алиев, Милевскиј претепува еден од патниците во авионот бидејќи тој седи на неговото место.

Во 2012 година, кога за тренер на Динамо Киев е поставен легендарниот Олег Блохин, на официјалната прес-конференција, тој се појавува облечен во пењоар, по што станува хит на интернет.

Scroll to Top