Поранешниот тренер на Барселона, а сега шпански селектор, Луис Енрике, вели дека Лионел Меси е „гениј од рангот на Бетовен или Дали“.
Освојувачот на рекордни шест „Златни топки“ денеска го прославува својот 34. роденден, но уште го нема продолжено договорот со Барселона, иако се верува дека главните проблеми се надминати и тој ќе остане на „Ноу Камп“.
Енрике, кој му беше тренер на Меси од 2014 до 2017 година, освојувајќи титула од Ла лига и од Лигата на шампионите, вели дека е невозможно да се замисли каков би бил фудбалот денеска без влијанието на Аргентинецот.
„Практично е невозможно да се носи топката толку блиску на таа брзина. Кога Меси ќе загуби, тоа му паѓа многу тешко. Можете да го забележите и следниот ден по мечот. Во фудбалот, Лионел Меси е гениј, нешто како Лудвиг ван Бетовен или Салвадор Дали“, вели Енрике.