Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез и во новата сезона ќе остане во бразилскиот Гремио, изјави тренерот на тимот Ренато Порталупи. Интерес за Суарез има од Интер Мајами, кој сака да го доведе во тимот заедно со неговиот поранешен соиграч од Барселона, Лионел Меси.
„Ќе остане со нас до декември“, увери тренерот, познат и како Ренато Гаучо. Тој оваа изјава ја даде пред првото полуфинале од Купот на Бразил против Фламенго кое неговиот тим го загуби со 2:0.
Иднината на Луис Суарез беше доведена во прашање во последните недели, иако тој има договор со Гремио до декември 2024 година.
Интер Мајами неодамна потпиша со Меси и уште двајца играчи од Барселона, Серхио Бускетс и Жорди Алба. Сепак, Гремио е против трансфер на Уругваецот во САД, доколку Интер Мајами не ја плати отштетната клаузула на напаѓачот, која изнесува 70 милиони евра.