Top Sport

Лук Шо: Не постои покритикуван фудбалер од Хери Мегваер

Лук Шо, по неговата добра партија за Англија на драматичното 3:3 реми со Германија, застана во одбрана на својот соиграч од репрезентацијата и од Манчестер јунајтед, Хери Мегваер, велејќи дека не видел некој фудбалер да е повеќе критикуван од капитенот на „ѓаволите“.

Шо го постигна првиот гол за Англија и покажа дека е подготвен да се бори со Тајрел Маласија за стартното место на „Олд Трафорд“, но Мегваер не беше толку импресивен – тој беше виновен за пеналот по несмасниот фаул над Џамал Мусијала за првиот гол на Германците, а потоа неколку пати клучно ја губеше топката на својата половина. Шо признава дека Мегваер поминува низ тежок период.

„Ќе бидам искрен, во моментов се работи за тежок момент. Секако, Хери е фантастичен фудбалер со огромен карактер. Издржа многу критики, најмногу што сум видел во фудбалот, но никогаш не се крие, секогаш е тука. Тој е доволно храбар да излезе на теренот и да ја покаже силата и карактерот бидејќи сите кои го познаваат знаат каков фудбалер е. Во моментов целиот свет е против него, но сите го поддржуваме. Луѓето треба да сфатат каква улога има во англиската репрезентација“, вели Шо.

Scroll to Top